Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) треба во своите препораки и резолуцијата усвоена со огромно мнозинство, по расправата за поддршката на европските интеграции на земјите од Западен Балкан, повика да се даде нов поттик на процесот на проширување на Европската унија, а истовремено го повика Западен Балкан решително и без одлагање да се справи со отворените предизвици.
Европската визија го губи сјајот и на нејзино место повторно се појави национализмот, а сè повеќе луѓе од Западен Балкан, посебно помлади, веруваат дека никогаш нема да се приклучат на Европската унија, стои во заклучоците на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, по извештајот на грчкиот европратеник и поранешен премиер Јорго Папандреу.
Поранешната грчка министерка за надворешни работи Дора Бакојани и сега пратеник, предупреди дека ЕУ им отстапува простор на Кина, Русија и Иран.
„Времето за Западен Балкан истекува. Тука е Кина, тука е Русија, тука е Иран. ЕУ мора да работи веднаш“
Известувач за Западен Балкан е исто така грчки пратеник, поранешниот премиер Јорго Папандреу, сега член на ПССЕ, кој го изготви извештајот во името на Комисијата за политички прашања и демократија на Советот на Европа. Во заклучоците се вели:
„Додека европските изгледи слабеат, сè повеќе се забележува нова геополитизација на регионот со трети страни кои се борат за влијание и продлабочување на постоечките пукнатини, изјави Папандреу појаснувајќи дека „овој тренд може да стане уште посилен бидејќи Западниот Балкан, посебно по последиците од војната во Украина, ризикува да стане простор за геополитички антагонизам којшто може да извезе нестабилност во ЕУ“.
Пратеникот на СДСМ и претседател на македонската собраниска делегација Дарко Каевски на дебатата кажа: „Горди сме што ЕУ нè гледа како вистински партнер и сме горди на отворањето преговори.
Пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во својот говор ја критикува Бугарија,
„Правилото на едногласно одлучување брутално се злоупотребува од Бугарија. Затоа многу млади губат верба и ја напуштаат земјата или бараат други алтернативи. Бугарија го користи истиот потпалувачки дискурс како Владимир Путин. Путин вели дека не постојат украински јазик и нација, дека се руски. Бугарските политичари велат дека не постојат македонски нација и јазик, дека се бугарски, и ако Македонија сака да напредува кон ЕУ мора да го прифати тоа. Затоа, го повикувам Советот на Европа во овој извештај да препорача отворање на преговорите со Македонија без понатамошни одлагања и дополнителни барања. Промената на Уставот на независна земја не смее да биде предуслов за пристапните преговори. Советот на Европа треба да побара од Бугарија да престане да притиска за уставни промени во Македонија и да дозволи пристапни преговори“, вели Николоски.
Арта Биљали Зендели заклучува дека во дебатата и во тоа што се зборува во европските институции, а тоа е нагласено и во извештајот на Папандреу, договорот со Бугарија се смета за нешто конечно и сега ни останува само да го спроведуваме.
ПССЕ се надева дека со оваа расправа може да даде голем придонес со повторно разгорување на надежта за европска перспектива за Западен Балкан и притисок за реформи и добрососедски односи во регионот, особено преку обезбедување дополнителна платформа за парламентарниот дијалог.
Или како што кажа претседателот на комисијата за политички прашања на ПССЕ Золтан Немет – „време е да се направи тоа проширување, и кога ние ќе го сфатиме сериозно проширувањето и да не го оставаме во сенка на војната во Украина.“
Тони Гламчевски