Вториот пожарникар загина на Куба, каде неговите колеги го гаснеа огромниот пожар што избувна минатата недела во нафтена база. Дваесет и четиригодишниот маж починал во болница, каде што бил сместен во исклучително тешка состојба, јави Асошиејтед прес.
130 лица се повредени во пожарот, кој во петокот го предизвика гром и зафати четири од осумте цистерни, а 14 пожарникари се уште се водат како исчезнати. Пожарот принуди евакуација на над 4.900 луѓе и доведе до привремено затворање на термоцентрала поради недостиг на вода. На помош дојдоа противпожарни екипи од Мексико, Венецуела и Боливија.
Министерството за наука и животна средина на Куба соопшти дека со радар го следи ширењето на чадот и дека квалитетот на воздухот е под контрола.
Според претседателот на земјата, Мигел Дијаз-Канел, цитиран од ТАСС, пожарот во областа на пристаништето во градот Матанзас веќе е изгаснат.