Вучиќ: Ќе ги набавиме најмоќните системи за воздушна одбрана, за кои никогаш не сонувавме дека ќе ги имаме

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, говорејќи за американскиот и израелскиот напад врз Иран, изјави дека Србија мора да го чува мирот и дека во наредните два или три месеци ќе ја информира јавноста за набавка на најмоќни системи за противвоздушна одбрана (ПВО).

„Мораме да ги разбереме пораките на моќните и да ја чуваме нашата слобода и независност, нашите деца, нашите мајки да не се грижат дали нивните деца ќе завршат во војни, но и да ги зајакнуваме нашите одбранбени потенцијали. Во наредните два или три месеци ќе ја известам јавноста за набавка на најмоќните ПВО системи, какви што не сме ни сонувале дека ќе имаме“, изјави Вучиќ.

Тој додаде дека Србија ќе биде толку силна што секој евентуален напад, па дури и самата помисла на напад врз земјата, би ги чинела скапо и најмоќните во светот.

„Но, јас тоа нема да го дозволам. Речиси 14 години успевав да го сочувам мирот во тешки услови. Ќе успеам и понатаму. Ќе продолжиме да ја зајакнуваме нашата земја. Донесуваме системи со огромна моќ, за кои не сте ни сонувале дека е можно да ги имаме во нашата земја“, рече Вучиќ.