Балкан

Вучиќ: Мора да се реши проблемот со данокот за транзит на рускиот гас што го воведе Бугарија

Вучиќ: Мора да се реши проблемот со данокот за транзит на рускиот гас што го воведе Бугарија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, од Пекинг го коментираше воведувањето на новата такса за транзит на руски гас преку Бугарија, наведувајќи дека сега е важно да се внимава на решавање на овој проблем, јави Танјуг.

„Ние и Унгарците реагиравме во вторникот со заедничко соопштение. Српскиот министер за финансии Синиша Мали ја потпиша одлуката со унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто, а јас и унгарскиот премиер Виктор Орбан ја одобривме“, рече Вучиќ, кој присуствуваше на самитот на иницијативата „Појас и пат“ во Пекинг.

Во петокот, на 13 октомври, Бугарија воведе данок на рускиот гас што преку нејзина територија се доставува до трети земји. Регулативата која стапи на сила, наметнува такса од 20 лева за мегават час за транзит на руски гас што се испорачува низ територијата на земјава преку гасоводот Балкански поток. Бугарскиот премиер Николај Денков во понеделникот коментираше дека Бугарија има право да воведе данок за увоз и транзит на руски гас.

Српскиот претседател претходно посочи дека тоа е голем проблем за Србија и ќе разговара со бугарската страна бидејќи, според него, оваа одлука не треба да важи за Србија. Вчера „Фајненшл тајмс“ го цитираше бугарскиот министер за финансии Асен Василев, според кого целта на воведувањето на таксата не е да се поскапи гасот за потрошувачите во Унгарија и Србија, туку да се направи помалку профитабилно за „Гаспром“ снабдувањето со гас. преку Бугарија.