Балкан

Вучиќ по гласањето: Ако изгубиме, ќе ја признаеме волјата на избирачите

Вучиќ по гласањето: Ако изгубиме, ќе ја признаеме волјата на избирачите

Тензиите меѓу српскиот политички врв и хрватските медиуми повторно дојдоа до израз за време на изборниот ден во Србија, откако Александар Вучиќ остро реагираше на прашањата на хрватските новинари по гласањето во Нов Белград, објави хрватскиот портал „Индекс“.

Носителот на изборната листа „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ им порача на новинарите да покажат трпение и нагласи дека станува збор за избори во Србија, а не во Хрватска.

„Почекајте вие, хрватските новинари, ова се српски, а не хрватски избори, стрпете се малку“, изјави Вучиќ, додавајќи дека Хрватска треба да покаже поголема почит кон Србија.

Кога новинарите побараа од него да наведе конкретен пример за наводно мешање на Хрватска во изборниот процес во Србија, Вучиќ не посочи конкретен случај, туку упати критики кон хрватските медиуми. Тој ги обвини за ширење лаги, споредувајќи ги нивните извештаи со содржините што, како што рече, ги објавуваат српските телевизии „Н1“ и „Нова“.

„Доволно е да отворите кој било весник, портал, телевизија… Ако вие не гледате, имате друг проблем, а тој не е поврзан со доказите, туку со тоа дали гледате добро и дали знаете да читате“, им одговори Вучиќ на новинарите.

На гласањето во Нов Белград тој пристигна со сопругата Тамара, а поради големата гужва на избирачкото место, чекал околу два часа за да го оствари своето право на глас.

По гласањето, Вучиќ порача дека ќе го прифати изборниот резултат без оглед на исходот и дека неговата политичка опција ќе ја почитува волјата на граѓаните.

„Како што секогаш сум велел, на изборите можете да победите и да изгубите. Ние секогаш ќе се однесуваме одговорно, ако изгубиме, ќе ја признаеме волјата на избирачите, ако победиме, никој нема да ни ја одземе победата и тоа е сè“, изјави тој.

Вучиќ, кој е на власт 14 години, оцени дека граѓаните на Србија одлучуваат за идната насока на државата. Според него, изборот е меѓу иднината и враќањето во периодот што го поврза со приватизациите, економското разорување и политичкото понижување на земјата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Петровска: Побаравме оставка од Филипче, нема разлика во цената за „Леонардо“ | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни