Свет

Вулканска лава на Исланд гори куќи

Вулканска лава на Исланд гори куќи

Во исландскиот град Гриндавик куќи се запалија откако се отворија две пукнатини по вулканска ерупција и излевање на лава, а нивото на тревога е подигнато на највисоко ниво.

Вулкан на полуостровот Рејкјанес на Исланд еруптираше во неделата рано наутро и лава се излеа во рибарскиот град Гриндавик, пренесува Танјуг.

Целото население на градот беше евакуирано претходно. Бариерите што беа изградени по ерупцијата во декември делумно ја содржеа лавата, но некои сепак беа пробиени.

Главниот пат во Гриндавик беше отсечен од изливот на лава.

Новинарот и вулканолог Робин Ендрјус изјави за Би-Би-Си дека протокот на вулканска лава од двете пукнатини моментално не покажува „никаков знак на забавување“.

Ендрјус предупреди дека ерупцијата може да ги влоши здравствените проблеми на луѓето со респираторни проблеми, бидејќи вулканот ослободува гасови како сулфур диоксид кои ги иритираат кожата, очите, носот и грлото.

Исландскиот претседател Гудни Јоханесон повика на солидарност со оние кои не можат да останат во своите домови поради ерупцијата на вулканот за време на неговото обраќање до нацијата во неделата.

Јоханесон рече дека очекува ситуацијата да се смири.

Премиерката на Исланд Катрин Јакобсдотир рече дека владата ќе се состане во понеделник за да разговара за обезбедување станови за евакуираните жители.

Неделната ерупција беше петта што се случи долж полуостровот Рејкјанес од 2021 година.

На ерупцијата во вулканскиот систем Сварценги во декември и претходеа силни земјотреси.

После тоа, беа подигнати бариери околу вулканот за да се насочи лавата подалеку од Гриндавик, кој има речиси 4.000 жители.

Авионските летови во Исланд не беа откажани по ерупцијата.

Летовите од аеродромот Кефлавик во близина на вулканот се одвиваа нормално.

Во Исланд има 33 активни вулкани.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни