Македонија

За 200 евра вработени отчукувале картици на колеги кои не доаѓале на работа во Институтот за јавно здравје

За 200 евра вработени отчукувале картици на колеги кои не доаѓале на работа во Институтот за јавно здравје

Серија финансиски и софтверски неправилности во ИЈЗ

Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, упати апел до Јавното обвинителство итно да ги испита бројните неправилности во работењето на оваа институција. Ова следува по објавувањето на извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој откри низа незаконски дејствија, злоупотреба на буџетски средства и кадровска анархија.

„Некои работи ми изгледаа нестварно штом дојдов на функцијата. Констатиравме дека нема реагенси, а притоа не постои ниту евиденција за нив“, истакна Андоновска, додавајќи дека во институцијата не била извршена ревизија уште од 2017 година.

Околу 20-30 луѓе во период од 6-7 години не се имаат појавено на работа во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), а земале редовно плата. Сите биле уредно регистрирани во системот за евиденција на работа, за што им плаќале на одредени колеги по 200 евра.

Клучни наоди за злоупотребите:

  • Фиктивни вработувања: Одредени вработени примале плата без да се појават на работа. Колеги ги евидентирале дека се присутни, а за таа услуга за возврат добивале парични средства.
  • Енормни додатоци на плата: На поединци им биле исплаќани дополнителни 44.000 до 88.000 денари месечно за „активности поврзани со архива“ и одржување на дворот.
  • Ненаменско трошење средства: За едночасовен настан по повод 100-годишнината на Институтот биле потрошени дури 50.000 евра. Дополнително, биле платени 15.000 евра за набавка на интернет кабел со должина од 15 километри, за кој нема трага каде е инсталиран.
  • Кадровски прекршоци: Фармацевтски техничари извршувале задачи на медицински сестри или лаборанти, што директно го загрозувало квалитетот на здравствените услуги.
  • Незаконско користење имот: Деловен простор во сопственост на ИЈЗ бил издаден на пекарница, што е спротивно на сите законски прописи.

Извештајот на ДЗР за 2024 година дава неповолно мислење за финансиското работење. Утврдено е дека нема соодветна евиденција за примените и потрошените вакцини, ниту за медицинскиот потрошен материјал. Исто така, реализирани се јавни набавки на медицинска опрема која воопшто не била потребна, додека неопходната опрема за работа недостигала

Иако ситуацијата во ИЈЗ беше критична, Андоновска нагласи дека најголемиот дел од неправилностите веќе се надминати. Таа посочи дека институцијата сега работи на воспоставување на строг систем на контрола и отчетност, но потенцираше дека одговорност за претходното работење мора да има.

Директорката исто така апелираше јавноста да не ги става сите вработени во „ист кош“, бидејќи голем дел од нив професионално и чесно си ги извршувале обврските и покрај лошото менаџирање во минатото.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни