Обнова на Газа ќе чини над 71 милијарда долари во следната деценија, покажува заедничка проценка на Европската унија и Обединетите нации, која предупредува на длабоки последици од повеќегодишниот конфликт врз населението и инфраструктурата на територијата.
Во извештајот за проценка на штетите и потребите (RDNA), изработен во соработка со Светската банка, се наведува дека повеќе од две години војна довеле до „невиден губиток на животи и катастрофална хуманитарна криза“. Вкупните потреби за закрепнување и обнова се проценуваат на околу 71,4 милијарди долари.
Само во првите 18 месеци ќе бидат неопходни 26,3 милијарди долари за повторно воспоставување на основните услуги, реконструкција на критичната инфраструктура и поддршка на економското закрепнување. Според проценката, штетата на физичката инфраструктура изнесува 35,2 милијарди долари, додека економските и социјалните загуби достигнуваат 22,7 милијарди долари.
Голем дел од Појасот Газа – вклучително училишта, болници и друга цивилна инфраструктура – е уништен во текот на израелската воена офанзива, која следеше по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година. Конфликтот остави сериозни последици врз населението: повеќе од 72.000 лица загинале, претежно цивили, според податоци на локалните здравствени власти што ги користат и Обединетите нации.
Извештајот наведува дека околу 371.888 станбени единици се уништени или оштетени, над половина од болниците не функционираат, а речиси сите училишта се погодени. Дополнително, 1,9 милиони луѓе се раселени, што претставува речиси целото население на Газа, при што повеќе од 60 проценти останале без дом.
Економијата на територијата претрпела драматичен пад од 84 проценти, а според проценката, влошувањето на животните услови, приходите, безбедноста на храната и социјалната вклученост го вратиле човечкиот развој назад за дури 77 години.
И покрај кревкото примирје постигнато минатиот октомври, предизвиците за закрепнување остануваат огромни, а меѓународната заедница се соочува со долгорочна задача за стабилизација и обнова на регионот.
