Катедралата Саграда Фамилија во Барселона ги осветли своите две нови кули за прв пат откако беа завршени оваа година, нова пресвртница во овој извонреден проект кој започна пред 140 години, објави АФП.
Посветени се на евангелистите Свети Лука и Свети Марко, украсени се со големи фигури на кои се претставени бик и лав. Светлата на двете кули беа вклучени по традиционалниот божиќен концерт што се одржува секоја година во базиликата дизајнирана од архитектот Антони Гауди.
Со овие две нови структури кои се издигнуваат на висина од 135 метри, единаесет од планираните 18 кули сега се завршени, вклучувајќи половина од шесте главни.
„До крајот на 2023 година планираме да ги завршиме кулите на светите Матеј и Јован, што ќе ни овозможи да ги отвориме сите оние посветени на евангелистите“, се вели во соопштението за печатот на фондацијата вклучена во изградбата на катедралата.
До 2026 година – годината во која Барселона ќе ја прослави 100-годишнината од смртта на големиот каталонски архитект Гауди – се планира кулата на Исус Христос да биде готова. Со своите 172,5 метри, тоа ќе биде највисоката точка на зградата, како што е предвидено со проектот на Гауди.
Изградбата на „Саграда фамилија“ се изведува благодарение на приватни донации и приходи остварени од туристички посети. Првично беше планирано локацијата да биде целосно завршена во 2026 година, но прекините на работата за време на пандемијата доведоа до ревизија на тој распоред.
И покрај постепеното враќање на посетителите, сè уште не е објавен нов датум за завршување на работата, која започнала во 1882 година. Архитектот Антони Гауди ѝ посветил четири децении – до неговата смрт во 1926 година, кога го удрил трамвај.
Новите кули на Саграда Фамилија ќе светат секоја вечер до 8 јануари.