Присуство на бактерии и зголемени вредности на одредени параметри се утврдени во водата од водоводните системи во беровските села Двориште и Ратево. Поради отстапувањата во квалитетот, на жителите им се препорачува водата да не ја користат за пиење, подготовка на храна и лична хигиена.
Лабораториските анализи извршени од Центарот за јавно здравје – Кочани покажале различни неправилности во двата водоводни системи.
Во Ратево е регистрирана зголемена потрошувачка на калиум перманганат, додека анализите на водата во Двориште откриле присуство на колиформни бактерии, цревни ентерококи, псевдомонас аеругиноза и ешерихија коли. Дополнително, утврдени се зголемен вкупен број бактерии, како и покачени вредности на калиум перманганат и манган.
Од ЈПКР „Услуга“ – Берово информираат дека во двата водоводни системи ќе биде извршено хиперхлорирање, со цел да се подобри квалитетот на водата.
До добивањето исправни резултати од контролните лабораториски анализи по третманот, водата ќе може да се користи исклучиво како технолошка вода. Забранета е нејзина употреба за пиење, подготовка на храна и лична хигиена.