Македонија

Заев го коментира песимизмот на Макрон: „Европа нема иднина без проширување“

Европа нема иднина без проширување, вели премиерот Зоран Заев, додавајќи дека овој факт го знаат и земјите членки на Европската Унија. Неговата изјава доаѓа како одговор на остриот говор од пред два дена на Макрон, кој изјави дека е против проширувањето ако претходно не се спроведат реформи за функционирањето на институциите на Унијата. Северна Македонија не бара веднаш да стане членка на ЕУ, рече Заев, туку само да ги започне разговорите како награда  за решените политички прашања. 

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Осамни, вчера за ТВ21 изјави дека несогласувањата меѓу европските лидери можат да го отежнат процесот но не и да бидат пречка за добивање датум за започнување на преговорите.

Скептицизмот на Макрон за проширување дојде откако неколку дена по ред раководителите на земјите членки не постигнаа договор за назначување на нови службеници на ЕУ.

-Јас сум скептичен во врска со приказната за иднината на ЕУ со нејзината експанзија, во ситуација каде што гледаме дека меѓу 28 земји не може да се направи договор. Одбивам секакво проширување пред да има длабоки институционални реформи на ЕУ-рече Макрон.

И покрај несогласувањата и ривалството Франција – Германија, синоќа заврши евроспкиот маратон за назначување нови лидери на ЕУ.

Претседателка на Комисијата ќе биде Урсула Вон Дер Лејен, министерка за одбрана на Германија, земја која за разлика од Франција и неколку други држави членки, на проширувањето гледаат позитивно.

Нејзиното назначување го коментираше и вицепремиерот Бујар Османи.

Нов претседател на Европскиот совет е белгискиот премиер Чарлс Мишел а со надворешната политика ќе раководи Хосе Борел, шеф на шпанската дипломатија.

За премиерот Заев, новиот состав е во прилог на европската перспектива за сите земји кандидатки за ЕУ.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

 

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни