Денешната редовна, 116 седница, на Владата на Република Македонија ја започна со презентација на приоритетите на Романија за време на претседателството со Советот на Европската Унија.
На седницата, на која присуствуваше и амбасадорот на ЕУ во нашата земја Самуел Жбогар, столбовите, што како приоритети си ги постави Владата на Романија за време на нејзиното претседавање со Советот на ЕУ, ги презентираше Виорел Станила, амбасадор на оваа земја во Република Македонија, кој нагласи дека тие столбови произлегуваат од динамичната сила на ЕУ што ѝ ја даваат нејзините вредности.
„Изразуваме искрена благодарност што во приоритетите на Романското претседателство се предвидува и забрзување на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. Политиката на проширување на ЕУ, и покрај сите предизвици на глобален план, останува најефикасниот инструмент за гарантирање на мирот, стабилноста и просперитетот во Западен Балкан. Затоа го цениме фактот што Романија ја препознава важноста на политиката на проширување и се обидува да го доближи Западниот Балкан уште поблиску до ЕУ“, рече во своето обраќање премиерот Заев.
Од презентацијата на амбасадорот Станила, приоритетите што денеска беа претставени ги опфаќаат „Европа на патот кон раст, кохезија, конкурентност и поврзаност“, потоа „Безбедна Европа“, „Европа како посилен глобален играч“, и „Европа на заеднички вредности“. Политиките на Европската Унија на интегрирање на Западен Балкан во нејзините структури остануваат приоритет на Владата на Романија во наредните шест месеци во столбот „Европа како посилен глобален играч“.
Амбасадорот Станила во својата презентација нагласи дека политиките на проширување со земјите членки на Западен Балкан остануваат стратешки интерес на ЕУ, поради што фокусот на европската поддршка на регионот ќе се задржи на зајакнување на демократските процеси и на помирувањето.