Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи, Никола Димитров ја започна работната посета на Брисел со средба со претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск.
На средбата биле поздравени заложбите на Владата, низ обединувачки политички процес да се донесат уставните измени, со цел реализација на Договорот од Преспа, како и потребните реформи од Планот 18.
Заев, при работната посета на Брисел имаше и билатерална средба со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, а потоа учествуваше и на работниот ручек што го организираше Федерика Могерини со лидерите на државите од Западен Балкан.
На средбата била потенцирана и важноста од успешно заокружување на процесот во Парламентот на гласање на уставните амандмани и за реализација на Договорот од Преспа, како и важноста од имплементација на клучните реформи, посебно во правосудството, со цел отпочнување на преговорите со ЕУ во јуни 2019 година.
На регионалната средба на лидерите од Западен Балкан, се разговарало за актуелните политички случувања во регионот, за успесите и предизвиците во 2018 година, како и за очекувањата во претстојна 2019 година.
