Заев: И јас им вртев на телефон, за размена на територии меѓу Србија и Косово слушнав од јавноста

На броевите од кои го контактирале руските пранкери и самиот премиер Зоран Заев им се јавувал, убеден дека разговара со вистинските Петро Порошенко и Јенс Столтенберг. Иако разговорите биле направени уште во текот на минатата година, Заев вели дека сфатил оти  бил жртва на измама деновиве откако биле објавени снимките. Рече дека во комуникацијата со нив им праќал дури и слики.

-Во тоа време јас верував дека имам комуникација, како што добивав слики од Парадата на војската во Украина од таканаречениот или лажен претседател Порошенко јас сум праќал слики и од Меркел од посетата или слично. Не знам точно до кога била комуникацијата-рече Заев.

Одговорност вели нема да бара од никого и дека ќе продолжи со истиот начин на комуникација без владин протокол. Во врска со деталите што ги изнесе и во самите снимки дека 10 општини од северниот дел на Косово и неколку од Србија ќе бидат дел од размената на териториите меѓу српската и косовската страна, Заев вели дека тоа не се детали кои што со него ги споделил некој, туку тие информации ги слушнал од јавноста.

-Никој со мене не споделил информации ниту косовската страна ниту српската страна, заради тоа што тоа е билатерално прашање. Ние сме биле тука како пријатели секојпат да охрабриме решение, сите сакаме да има решение на проблемите Европа го дефинираше прашањето помеѓу Северна Македонија и Грција, косовското прашање и проблемот што Босна и Херцеговина го има со уставното уредување генерално како прашање. Првото прашање се реши, второ – сите помагаме, охрабруваме…-вели Заев.

Поранешниот премиер на Албанија Сали Бериша на својот фејсбук профил напиша дека Заев во снимката го открил планот за промена на границите.

-Погоре во разговорот Заев мислејќи дека разговара со Порошенко, изјавил дека за идејата околу менување на границите, Хашим Тачи и Александар Вучиќ се договориле, но и дека ова може да предизвика нова војна на Балканот и дека канцеларката Меркел е целосно против оваа идеја. Премиерот на Северна Македонија Зоран Заев го откри тајниот план за промена на границите на Косово велејќи дека зад овие цели стојат интересите на Русија и Турција-напиша Бериша.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека во овие разговори немало ништо пробиено од безбедносна содржина, но дека мора да се менува безбедносната култура затоа што и во иднина може да се очекуваат хибридни, сајбер  и друг тип на закани, чија цел е да го загрозат нашиот пат кон НАТО.

-Малку е чудно да се поставува прашањето како им успеало кога гледаме дека тоа им успеало дури и од врвот на алијансата па вклучувајќи ги и најмоќните држави. Прво – таков тип на трикови, на упади и таков тип на закани ќе продолжат, второ – во овој напад не е пробиено ништо од безбедносна содржина-вели Шекеринска.

По вчерашното барање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски упатено до Заев за техничка влада и предвремени избори и денеска од опозициската партија повторно бара оставка од Заев.

-Оправдувањето за скандалозното изнесување државни тајни, информации од средби на високо ниво и прифаќањето да се исплати поткуп на вселенскиот патријарх покажува колку е всушност неспособен, криминоген и плиток и Заев и тимот околу него-изјави Јанушев.

Заев само кратко одговори дека останува на ставот што го изнесе вчера, дека нема да има предвремени избори.

РЕПОРТЕР: СВЕТЛАНА УНКОВСКА

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното