Македонија

Заев на 29. ноември во Италија, Туск: Негативната одлука, голема грешка на европските лидери

Претседателот на Европскиот Совет, Донал Туск, пред пратениците на ЕП ги претстави заклучоците на претходниот состанок на Европскиот Совет во Брисел. Тој повтори дека европските лидери минатата недела направија голема грешка што не донесоа одлука за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

„Европските лидери имаа тешка дебата околу проширувањето. По јасната препорака од Европската комисија, огромното мнозинство од земјите членки сакаа да бидат отворени пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, но и покрај тоа не беше постигнат потребниот консензус. Според мое мислење, тоа беше грешка и тоа отворено и директно им го кажав на лидерите. Сега се надевам дека лидерите ќе го исполнат заклучокот, дека ќе се навратат на ова прашање пред Самитот во Загреб во мај следната година“. вели Туск.

Германската амбасада во Скопје, преку соопштение вели дека Северна Македонија треба да продолжи со реформите и да ги увери сите дека земја е за ЕУ. 

„Германија е на посебен начин поврзана со Западен Балкан, не само политички, туку и економски и општествено преку многуте луѓе од овој регион што живеат кај нас. Од заеднички европски интерес е да се интегрираат државите од Западен Балкан во Европската Унија. За ова да успее, мораме да се држиме до нашите ветувања, европската перспектива на овие земји заедно да ја спроведеме. Ова е најдобриот предуслов за да се унапредат реформите и развојот на правната држава, а со тоа ова е и најдобриот предуслов за благосостојба, стабилност и безбедност внатре во Европа.“, велат од Германската амбасада.

Премиерот Заев, на 29 ноември ќе отпатува во Рим, каде ќе се сретне со италијанскиот премиер, Џузепе Конте, по најавите дека Италија повторно ќе побара да се отвори прашањето околу датумот за преговорите на Македонија со Европската унија. Заев истакна дека ќе се прифати секаква инцијатива која би влијаело што поскоро да се смени одлуката на Европскиот Совет за добивањето датум за отворање на преговорите.

Заев рече дека останува посветен за да докаже дека одлуката на ЕУ е историска грешка и се надева дека таа одлука наскоро ќе се смени.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни