Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска учествува на Самитот на шефови на влади на Централно Европската Иницијатива во Загреб, чијшто домаќин е премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ.
На Самитот, чијшто фокус се изградбата на стабилност, просперитет и унапредување на соработката меѓу државите во регионот, Европа и светот, се претставници од 18 земји членки, меѓу кои и премиерите на Албанија и на Словачка, а на Самитот се присутни и еврокомесарот Јоханес Хан, претседателот на ЕБРД, Сума Чакрабарти, високи претставници на ОБСЕ и на Советот на Европа.
Премиерот Заев, во обраќањето испрати порака дека Република Македонија е подготвена да продолжи да ги предводи позитивните процеси во регионот што носат стабилност и економски развој.
„Македонија е подготвена да ја продлабочи и прошири соработката во регионот, низ добрососедски односи, и во овој контекст, постигнавме големи резултати. Ова се случи благодарение на подготвеноста и чувството на одговорност на земјите и политичките лидери во регионот. Но, подготвени сме да работиме на долгорочните интереси на регионот“ рече премиерот Заев.
