Поврзи се

Македонија

Заев: ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа лидерски средби, опозицијата тврди: Не сме добиле никаква покана

Разговорите околу законот за СЈО се замрзнати, а спорен и натаму останува членот 105 кој се однесува на  рокот на отворање предмети. Премиерот Заев вели дека очекува до крајот на овој месец да има одговор од опозицијата за ова прашање, кое не смее да остане отворено пред октомври за кога треба да се отворат преговорите со Европската унија.

-Заглавена е работата на членот 105, лидерот на опозицијата при сите средби кажува Катица е проблем. Дел од работите навистина има напредок на работните групи, но на членот 105, на одредени детали сме заглавени, јас верувам дека идната недела ќе мора нешто да подмрднеме. Ако тој не е дел од извештајот на Европската унија согласно што ќе се одлучува во октомври, тоа не значи дека нема некој да ни го искористи како контрааргумент во носењето на одлуката-изјави Заев.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека на власта и требаа повеќе од 6 месеци да изработи предлог закон кој во околу 70 проценти е спротивен на меѓународните норми. Од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека преземаат тие да го изработат законскиот текст, па потоа ќе ги продолжата преговорите.

-Беа започнати разговори со ВМРО-ДПМНЕ во насока на подобрување и беа прифатени оние принципи кои што ги имавме наложено, а тоа е да биде законски текст согласно начела од меѓународни документи од Европската унија, од Обединетите нации но и во насока на почитување на човековите права и принципите. Но тоа сепак не беше земено во предвид, затоа ВМРО-ДПМНЕ тргна во изработка на предлог законски текст кој што ќе биде претставен во јавноста-рече Наум Стоичковски, портпарол на опозицијата.

Покрај законот за СЈО власта и опозицијата има отворени прашања и за пописот како и за измените на Изборниот законик. Премиерот Заев вели дека опозицијата одбива лидерска средба на која би се разговарало за сите прашања.

-Не се прифаќа засега лидерска средба, контактираат кабинетите, луѓето од нашите тимови, верувам дека во скоро време ќе имаме прифатливо за да се организира лидерската средба. Реков три теми, еве јас ги номинирам, СЈО е една, пописот и Изборниот законик. Опозицијата и другите партиципиенти ако мислат и за други теми, јас сум на располагање да разговарам, но ова се пресериозни теми, за кој што час поскоро треба да седнеме и да разговараме-изјави Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ за ТВ 21 велат дека покана за лидерска средба не е испратена. „Не разбирам каква е таа отворена покана што рекол. Покана до ВМРО-ДПМНЕ за лидерска средба не е испратена, а од друга страна главен и единствен извор за сите проблеми во државата во сите сегменти на државата е Зоран Заев и неговиот криминален клан на власта“, велат од опозицијата и бараат Заев да си замине од власта.

Инаку, за обвинувањата на поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој преку фејсбук обвини дека Заев манипулирал и дека објавил само дел од бомбата за Мартин Нешковски,  Заев само рече дека според тоа што го имал тоа било само една третина од целокупните материјали, а дека автентичноста се знае кој може да ја потврди.

РЕПОРТЕР: СВЕТЛАНА УНКОВСКА

Извор: ТВ21

Реклама
Реклама
Реклама
WP2FB Auto Publish Powered By : XYZScripts.com