Авганистанските талибанци го отфрлија повикот на Советот за безбедност на ОН за укинување на ограничувањата за жените и ја нарекоа загриженоста на меѓународната заедница за ова прашање неоснована, пренесе АФП.
Советот за безбедност на ОН во вторникот ги повика Талибанците брзо да ги укинат политиките што ги ограничуваат човековите права и основните слободи на жените и девојките во Авганистан. Декларацијата беше усвоена едногласно од 15-те членки на Советот, во која се наведува „наметнувањето ограничувања со кои се ограничува пристапот до образование, работни места, слободата на движење и целосното, еднакво и значително учество на жените во јавниот живот“.
Советот за безбедност ги повика талибанците повторно да ги отворат училиштата за сите девојчиња и изрази „длабока загриженост“ поради барањето жените да ги покриваат лицата во јавност, вклучително и во емисиите.
Во соопштението објавено денеска, авганистанското Министерство за надворешни работи ја опиша загриженоста на ОН како „неоснована“ и „нереална“, но ја потврди својата посветеност за гарантирање на правата на жените во Авганистан. „Со оглед на тоа што авганистанскиот народ е претежно муслиман, авганистанската влада верува дека почитувањето на условот за носење хиџаб е во согласност со верските и културните вредности на општеството и аспирациите на повеќето авганистански жени“, рекоа талибанците.
Вчера, специјалниот известувач на ОН за состојбата на човековите права во Авганистан, Ричард Бенет, на прес-конференција во Кабул изјави дека ограничувањата наметнати на авганистанските жени „оцртуваат модел на целосна родова сегрегација и имаат за цел да ги задржат жените невидливи во општеството“.
Меѓународната заедница го постави почитувањето на човековите права, особено на жените, како предуслов за преговарање за помош и признавање на режимот на исламистичкото движење кое дојде на власт минатиот август.
