Македонија

Закажано судењето за Стојанче Јовановски – се соочува со затворска казна до 15 години!

Закажано судењето за Стојанче Јовановски – се соочува со затворска казна до 15 години!

На 30-ти овој месец започнува судењето против Стојанче Јовановски, обвинет за свирепо семејно насилство кое доведе до смртта на неговата сопруга Ивана и нивното малолетно дете.

Трагедијата се случи на 2 март, кога по серија физички напади и закани по животот, Ивана во состојба на безизлезност скокнала од шестиот кат заедно со детето.

Обвинителството го товари Јовановски за три тешки кривични дела:

  • Наведување и помагање во самоубиство (најтешкото дело);
  • Загрозување на сигурноста;
  • Телесна повреда при семејно насилство.

Според правните експерти, иако за овие дела поединечно се предвидени високи казни, судот изрекува единствена затворска казна. Со оглед на тежината на случајот и преклопувањето на санкциите, минималната очекувана казна би се движела околу 7-8 години, додека пак максималната казна би се движела околу 15 години затвор.

Во обвинението се наведува дека Јовановски со години сурово и нечовечно постапувал кон својата сопруга, малтретирајќи ја психички и физички пред нивната ќерка. Кулминацијата се случила на денот на трагедијата кога, по брутален напад на јавно место и сериозни закани дека ќе ѝ го одземе детето, жртвата била доведена во состојба на тешка психичка вознемиреност.

Судењето ќе го води судијата Ивица Стефановски, кој веќе е познат на јавноста по водењето на предметот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежов.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни