Законот за јавно обвинителство по зеленото светло од владината седница влегува во собраниска процедура. Расправата околу новиот закон треба да почне од понеделник за што претседателот на Собранието Талат Џафери по денешниот брифинг со новинарите потврди дека доколку го добие законот ќе ја закаже седницата во најскоро време.
-Ако се добие денес – утре евентуално, можам да кажам дека 29 јули е денот кога може да се свика седница за да се разгледува предлог законот. Ако се добие денес или утре, ако не се добие тогаш после одмори-изјави Џафери.
За новиот закон за јавното обвинителство се разговарало и на средбата на Џафери со новата американска амбасадорка Кејт Брнс. Таа лично се заинтересирала за Законот за јавно обвинителство и прашала дали тој може да биде донесен до 15 септември. Џафери на средбата и одговорил дека доколку има договор меѓу политичките партии тој може да биде донесен и порано. И токму консензусот меѓу партиите би можел уште во старт да го попречи донесувањето на законот. Од ВМРО-ДПМНЕ се уште не се произнеле за законскиот текст, но не се согласуваат Вилма Рускоска да биде на чело на обвинителството. Од СДСМ порачуваат дека овој закон е многу потребен а во однос на Рускоска, тврдат дека тоа не е нивна одлука.
-Предлогот обвинителката Вилма Рускоска да го води новото јавно обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција не е одлука на партиите, туку е логичен след на настаните. Очекуваме сите пратеници а посебно пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат ова законско решение-рече Снежана Калеска – Ванчева.
Од ДУИ вчера изјавија дека ова законско решение е добра основа за компромис меѓу партиите, Беса бара обвинителот да биде Албанец, а Алијанса за Албанците смета дека обвинител треба да доаѓа од една од државите на Европската унија. За донесување на овој закон потребен е широк консензус од партиите бидејќи за негово изгласување потребно е двотретинско мнозинство.
РЕПОРТЕР: СВЕТЛАНА УНКОВСКА