СДСМ и ДУИ со различни ставови во врска со предлогот на министерката за труд и социјална политика, Мила Цароска за законот за трето дете. Од ДУИ велат дека министерката не се консултирала со никого од нивната партија во врска со одлука, и дека сама ќе достави предлози за измена на законот.
„Интересот на ДУИ е во Република Македонија да има здрави и големи семејства, и да се создадат можности за развој на тие семејства. Не може да зборуваме за кризи во коалицијата. Сметам дека несогласувањата во врска со овој закон ќе се расчистат во Влада, доколку не се случи тоа, тогаш се надеваме дека ќе го решиме тој проблем во Собрание. Колку што гледам голем број на пратеници се против оваа иницијатива на министерката и мислам дека таа треба да ги разгледа овие политики со цел да се олесни работата во Собрание, и на крај граѓаните да бидат задоволни“, изјави Артан Груби, пратеник на ДУИ.
Партијата на Зоран Заев ги отфрла тврдењата за можна поделба на коалицијата. Тие велат дека законот нема да биде повлечен, туку станува збор за поопширен пакет на реформи.
Пред неколку дена, албанските партии реагираа во врска со оваа идеја, велејќи дека повлекувањето на законот за трето дете е на штета на албанските граѓани. Министерката за социјална политика, Мила Царовска вели дека мерката за трето дете ќе се замени со еднократна помош од 60 илјади денари, за второто дете 20 илјади денари, додека за првото дете само 5 илјади денари.
Репортер: Зимер Јашари
