Им благодарам на сите кои денеска во Копенхаген ја поддржаа Украина и верувам дека оваа форма на соработка ќе ја забрза нашата заедничка победа. Ова го изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешното видео обраќање по повод собраните 1,5 милијарди долари помош за Украина на меѓународната донаторска конференција што се одржа вчера во данската престолнина, пренесе Укринформ.
Тој истакна дека вчера повторно е регистрирано руско артилериско гранатирање во областа на нуклеарната централа Запорожје. „Русија уште еднаш го проби дното на светската историја на тероризмот. Никој друг не користел нуклеарна централа толку очигледно за да му се закани на целиот свет, а исто така да постави некои услови“, рече украинскиот претседател.
Тој упати сериозна препорака до сите претставници на украинските државни и локални власти, војската и другите лица кои ги коментираат настаните на фронтот, одбранбените идеи на командата, како и подготовката на конкретни операции. „Главното правило е едноставно: војната дефинитивно не е време за суета и гласни говори. Колку помалку конкретни детали соопштувате за нашите одбранбени планови, толку подобро ќе се спроведат овие одбранбени планови“, рече украинскиот претседател. Своето обраќање го заврши со повикот: „Слава на сите и на сите што ги бранат Донбас, Харков, југот, центарот и целата наша земја! Слава на Украина!“.