Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, од денес ќе учествува на 2018 ОБСЕ Медитеранска Конференција под наслов „Важноста на енергијата за економски развој и соработка во Медитеранот”, која се оддржува во Малага, Шпанија.
Конференцијата на ОБСЕ е организирана во соработка со словачкото претседателство со ОБСЕ Медитеранската контакт група и со Шпанија како земја домаќин, односно со словачкиот и шпанскиот министер за надворешни работи, Мирослав Лајчак и Јосеп Борел Фонтелис.
Оваа конференција ќе ги обедини клучните експерти од енергетскиот јавен и приватен сектор од Европа и Медитеранот, а во фокусот на дискусиите ќе бидат повеќе економски и енергетски области, меѓу кои: поврзаноста, развојот и соработката меѓу земјите и улогата на енергетиката; заштита на критична енергетска инфраструктура, обновливи извори на енергија и многу други.
Заменик министерот ќе има свое обраќање на панелот на тема: „Енергијата како предуслов за економски развој и соработка во Медитеранот”.
На маргините на Конференцијата, предвидено е Жерновски да оствари повеќе билатерални средби со колегите од Регионот и Европа, на кои ќе се разговара за евроатлантските перспективи на земјата, започнувањето на процесот на уставните измени со цел имплементација на Договорот со Грција, како и за актуелните политички состојби во Република Македонија и Регионот.
