Нехигиенските услови и продажбата надвор од местата предвидени за таа намена биле причина за запленување на околу два тони небезбедна храна на зелениот пазар во скопската населба Ченто.
Акцијата била спроведена денеска од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со Комуналната инспекција на Град Скопје и Државниот пазарен инспекторат, во рамки на вонредна инспекциска контрола.
Инспекторите проверувале дали храната се продава во соодветни услови, како и дали се почитуваат законските прописи за нејзино безбедно складирање и промет.
При контролата било утврдено дека различни видови храна се продавале надвор од предвидените продажни места и во нехигиенски услови, со што се зголемува ризикот за безбедноста на производите и здравјето на потрошувачите.
Запленетата храна е отстранета од промет, а надлежните инспекциски служби најавуваат дека ќе продолжат да преземаат мерки во рамки на своите законски овластувања.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека и во наредниот период ќе спроведуваат засилени инспекциски контроли, самостојно и во соработка со другите надлежни институции, со цел заштита на здравјето на граѓаните и обезбедување безбедна храна на пазарот.
АХВ упатува апел до сите оператори со храна да ги почитуваат законските обврски и да обезбедат соодветни хигиенски услови при ракувањето, складирањето и продажбата на производите.