Министерот за здравство Сашо Клековски смета дека заминувањето на Ива Михајлова во Бугарија е поврзано со најавеното доаѓање на бугарскиот медицински конзилиум во Македонија, кој требало заедно со македонските лекари да ги провери нејзините наводи за здравствената состојба.
Клековски денеска изјави дека очекувал со заедничката медицинска проверка да се утврдат фактите во врска со случајот. Тој најави и дека при патувањето во Софија ќе разговара со претставници на бугарското Министерство за здравство.
„Бегството е поради доаѓањето на бугарскиот конзилиум, тука. Тој требаше заедно со македонските лекари да ги провери наводите на лицето. Мислам дека тогаш ќе излезеа работите на виделина какви се. Јас патувам во Софија, ќе разговарам секако со нивното министерство за тоа, бидејќи во основа таму нема здравствен случај“, изјави Клековски.
Против Ива Михајлова се води судска постапка пред Основниот суд во Кочани за сообраќајна несреќа со смртни последици. Во текот на процесот таа се жалеше на дискриминација поради двојното, македонско и бугарско државјанство, наведувајќи дека не ѝ било дозволено да се лекува во соседна Бугарија.
Нејзиниот татко, Симеон Михајлов, исто така се наоѓа во Бугарија, откако беше осуден на 12,5 години затвор во предметот „Детонатор“. Македонските власти имаат распишано меѓународни потерници и по Ива Михајлова и по нејзиниот татко.
Во врска со случајот, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски неодамна изјави дека Македонија е подготвена да овозможи посета на бугарски медицински специјалисти, кои би се запознале со здравствената состојба и лекувањето на Михајлова.
Муцунски посочи дека случајот има два одделни аспекти – судската постапка, во која извршната власт не може да се меша, и здравствената состојба, за која македонските власти изразиле подготвеност за соработка.