Breaking Процес Брдо-Бриони во Охрид
Македонија

Започна акцијата за заловување и одземање на кравите во Крива Паланка, утврдени задолженијата на институциите

Започна акцијата за заловување и одземање на кравите во Крива Паланка, утврдени задолженијата на институциите

Институциите ги координираат активностите за отстранување на говедата одземени со правосилни решенија на подрачјето на Крива Паланка. Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се одржа состанок на Координативниот штаб, на кој беа прецизирани чекорите за заловување, ветеринарно-здравствена контрола, транспорт и привремено сместување на животните.

Акцискиот план беше усвоен на минатата седница на Владата, а со денешниот состанок започна неговата оперативна реализација. Надлежните институции ги утврдија потребните човечки и технички ресурси, логистичките капацитети и организацијата на теренските активности, како и конкретните задолженија за секоја од нив.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, посочи дека координираниот пристап треба да овозможи системско решавање на проблемот со слободното движење на добитокот, кој ги засега жителите на Крива Паланка.

„Со воспоставувањето на овој механизам на институционална координација создаваме оперативни предуслови за системско и трајно надминување на проблемот со кој се соочуваат жителите на Крива Паланка. Приоритет е заштитата на граѓаните, нивниот имот и земјоделското производство, преку ефикасно спроведување на законските решенија, со истовремено почитување на стандардите за здравствена заштита и благосостојба на животните“, истакна Серафимовски.

Како прва активност на терен ќе следува мапирање на локациите на кои се наоѓа добитокот. Ќе се утврдуваат бројноста и распространетоста на животните, како и пристапноста до местата каде што се концентрирани, а собраните информации ќе послужат за планирање на следните чекори.

Во почетната фаза од процесот, одземениот добиток е предвидено да биде предаден на Казнено-поправниот дом „Идризово“ и Казнено-поправниот дом „Прилеп“.

На состанокот била разгледана и можноста дел од животните, во текот на процесот и согласно законските прописи, да бидат отстапени на здруженија на сточари и млади сточари.

Во спроведувањето на Акцискиот план се вклучени Министерството за земјоделство, Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за управување со одземен имот, Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и Бирото за процена.

Работата на институциите ќе се одвива преку Координативниот штаб, кој ќе ја следи реализацијата на активностите и исполнувањето на преземените обврски.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што може да руча студент со 140 денари? | „Ноќно студио“ со Бленди Ходаи

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни