Предметите на СЈО се во рацете на Јовески, но роковите кои ги имаат тие течат. Повеќе од сигурно е дека дел од осомничените во предметите ќе се спасат од казна. Еден од нив е и екс-премиерот Никола Груевски кој е осомничен во предметот „Траекторија“ за кинеските провизии.
Вака тогашниот лидер на опозицијта, обвинуваше како Груевски крадел, но доколку до 10-ти октомври нема правосилна пресуда за ова за Груевски тој ќе се спаси од затворската казна за предметот „Траекторија“ поради застареност.
А за пресуда до 10-ти октомври шансите се никакви, вели адвокатот Јанаки Митровски.
Никола Груевски е обвинет во вкупно шест случаи, а пресуда има само за случајот „Тенк“, каде за набавката на луксузниот „Мерцедес“ од 600.000 евра е осуден на затворска казна од две години. Тој е обвинет и во случаите „Титаник“, „Т.Н.Т.“, „Насилство во Центар“, „Траекторија“и „Талир“. Во дел од овие случаи Груевски е обвинет за дела за кои се предвидени затворски казни и над десет години. Засега нема завршница за ниту еден од нив, а на пример, судењето за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ во „Талир“ е на почеток.
Судбината на сите истраги отворени од јули 2017 наваму, и на обвиненијата поднесени по тој датум, ќе зависи од тоа како ќе се применува начелното правно мислење издадено од Врховниот суд, според кое, СЈО не може да биде застапник на обвиненија по овој датум. Најекстремните предвидувања одат до таму дека би можел да пропадне целиот случај „Империја“, но и другите предмети како „Поштенска банка“, „Подарок“, „Базни станици“, „Дизајн“ и други.
На полиците на СЈО останаа уште 19 истраги за кои не е поднесено обвинение.