Затворен автопатот Солун – Атина поради пожар

Автопатот што ги поврзува Солун и Атина вечерва е целосно затворен за сообраќај поради пожар што избувна во западниот дел на Солун, создавајќи густ чад и намалена видливост за возачите. Одлуката е донесена како превентивна мерка за заштита на учесниците во сообраќајот и олеснување на интервенцијата на службите.

Пожарот избувнал во близина на солунското предградие Халастра, во реонот кај патарините Малгара. Според информациите, огнот зафатил сува трева, а на терен интервенираат 30 пожарникари, две пешадиски екипи и десет противпожарни возила.

Надлежните информираат дека во близина нема населени места, но поради густиот чад било неопходно затворање на автопатот во двата правци. Мерката е воведена и за да им се овозможи на пожарникарите непречено да дејствуваат на терен.