Македонија

Затворениците во Македонија конечно ќе добијат алки за домашен затвор

Затворениците во Македонија конечно ќе добијат алки за домашен затвор

По десет години од нивната набавка, електричните алки за домашен затвор конечно ќе бидат ставени во функција, изјави директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, во интервју за ТВ21.

„За некои два месеци, конечно, после 10 години ќе ги ставиме во функција алките кои што во огромен број на европски земји и САД функционираат“, рече Пандов.

Законот за пробација, кој стапи на сила во ноември 2016 година, досега не беше применуван поради неискористената опрема, вклучувајќи ги алките за домашен затвор, мониторите и софтверот. Воведувањето на куќниот затвор е едно од решенијата за намалување на пренатрупаноста во затворите.

„Главен таргет кој првично ќе се растерети се стари лица, тешко болни со малигни заболувања, тешки облици на болест и бремени жени и со мали деца. Тие веднаш би можеле да бидат во куќен затвор“, објасни Пандов.

Алките, кои во себе имаат GPS предавател, заедно со друга опрема и пробациската служба, треба да гарантираат дека осуденото лице не го напушта домот и дека алката постојано е на него.

„Алката се става на нога, има дел каде што се става СИМ картичка и параметар од некои 20-30 метри за движење. Ќе има контролна соба, ќе има вработени таму, ако се оддалечи затвореникот од тој периметар, веднаш сигнализира во Управата и на тој уред кој ќе биде ставен во неговиот дом има слушалка, службеникот му врти, ако не се јави, следно јавување е во МВР дека тој човек е во бегство“, додаде Пандов.

Алките за издржување на казна куќен затвор се донација вредна 1,5 милиони евра, но не беа ставени во функција во првата година по нивната набавка во 2015 година, колку што траеше гарантниот рок на производителот. Потоа беше потребно да се купат нови батерии, што чинеше многу, особено што беше изминат гарантниот период.

Законот за пробација предвидува можности сторителите на полесни кривични дела и лица кои одложиле половина од казната да се ресоцијализираат преку вештини и знаења, директно вклучувајќи се во заедницата. За тоа е неопходно да се отворат пробациски канцеларии во државата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни