Собраниската Комисија за финансирање и буџет го заокружи третиот ден од расправата по предлог-ребалансот на Буџетот. Пратениците од власта и од опозицијата повторно ги спротивставија своите ставови и аргументи околу прекројувањето на државната каса.
Според владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, ребалансот има силна развојна компонента и предвидува сериозни инвестиции во капитални инфраструктурни проекти. Ова, според нив, ќе донесе дополнителна економска активност, нови работни места и подобар животен стандард. Од друга страна, опозициската СДСМ смета дека буџетските проекции се нереални, несериозни, тешко остварливи и базирани на преоптимистички очекувања.
ВМРО-ДПМНЕ: Не ветуваме развој, туку го финансираме
Пратеникот Александар Јамалов од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека овој документ придонесува за економски раст и приспособување кон реалните потреби на граѓаните.
„Парите мора да се враќаат кај народот преку инвестиции. Затоа со ребалансот се обезбедени преку 41 милијарда денари за развојни програми – училишта, болници, железница, енергетски проекти… Ние инвестираме, зашто секој денар вложен во капитални проекти носи нови работни места, дополнителна економска активност и развој. Овој ребаланс овозможува редовна исплата на плати, пензии, поддршка на стопанството и земјоделски субвенции. Ние не ветуваме развој, туку го финансираме, не ветуваме инфраструктура, туку ја градиме“, изјави Јамалов, додавајќи дека државата има јасен правец со стабилни финансии и растечки приходи.
Неговиот сопартиец, Жан Дрвошанов, директно ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека ребалансот се прави поради тоа што државната каса е празна.
„Не е точно дека се прави ребаланс зашто нема пари. Апелирам граѓаните да бидат мирни и спокојни и да не потпаѓаат на вакви паушални констатации. Оваа Влада покажа дека се грижи за својот народ и дека домаќински управува со финансиите. Ќе има сериозни инвестиции во капитални инфраструктурни проекти кои ќе ги подобрат условите за живот“, порача Дрвошанов, потенцирајќи дека и покрај глобалните економски пореметувања, нема драстични отстапувања од првичните проекции на основниот Буџет.
Утре започнува амандманската расправа
Претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска, го закажа продолжението на седницата за утре (вторник) во 11:30 часот.
Со ова завршува општата расправа и започнува амандманската фаза. За предложениот ребаланс на Буџетот поднесени се вкупно 224 амандмани, на кои пратениците ќе ги вкрстат копјата во наредните денови.