Адвокатите на Горанче Ангеловски – Ќосето и Игор Југ, велат дека лицата кои влегле во Собранието ноќта на крвавиот четврток, не се познаваат меѓу себе,. Затоа, според нив, обвиненијата дека тие биле претходно мобилизирани, се неосновани. Адвокатот Драган Пешевски рече дека во доказната постапка потврдено е спротивното за многу од обвиненијата кон неговиот клиент.
Според обвинението на Обвинителство, кое се базира на изјавата на заштитениот сведок, обвинетиот Игор Југ, дента на 27 април имал оружје со себе, и неговата цел била ликвидација на Зоран Заев, Зијадин Села и Дамјан Манчевски. Ваквите обвиненија, неговиот адвокат Нинослав Јакимовски ги нарече неосновани и контрадикторни, бидејќи во постапката не се докажало дека тој носел оружје. Тој дури додаде дека и самото обвинителство во текот на постапката се изјаснило дека станува збор за предмет со темно сива боја.
Двајцата адвокати пред судот рекоа дека обвинителството не ја докажало вината на обвинетите и додадоа дека сега паѓаат во вода и обвиненијата дека обвинетите кои влегле со толпата во Собранието немале никаква врска со обвинетите кои биле вработени во МВР. За овој случај, завршни зборови треба да дадат и адвокатите на другите четворица обвинети, Александар Василевски – Нинџа, Виктор Трајковски, Вилијам Михајовски и Никола Митревски. Следното рочиште е закажано за 15 февруари.
РЕПОРТЕР: АРМЕНД ГАШИ