Со остри реакции од семејствата на жртвите и барање на обвинителството за максимални затворски казни, во Белград завршија излагањата на завршните зборови во судскиот процес против Миљана и Владимир Кецмановиќ, родители на малолетникот кој на 3 мај 2023 година уби девет ученици и чувар во ОУ „Владислав Рибникар“. Пресудата за овој случај е закажана за 18 јуни.
За време на јавното судење, родителите на масовниот убиец повторно се обидоа да ја претстават сопствената позиција како жртва, зборувајќи за „својата болка“ и пропаста на нивното семејство, на само неколку метри од родителите кои засекогаш ги загубија своите деца.
Таткото се повикува на „Црн лебед“, мајката чувствува само морална одговорност
Таткото на убиецот, Владимир Кецмановиќ, пред судскиот совет изјави дека ќе го носи „товарот на трагедијата до крајот на животот“, но инсистираше на тоа дека тој и неговата сопруга биле грижливи родители и не можеле да предвидат што ќе стори нивниот син.
„Јас не можев да знам што му е во главата. Ова го нарекуваат феномен на ‘црн лебед’ (непредвидлив настан). Да сугерираше кој било од околината, јас ќе реагирав“, изјави Кецмановиќ, префрлајќи ја вината на општеството и околината.
Неговата сопруга, Миљана Кецмановиќ, го објасни своето ладно држење и отсуство на емоции за време на судењето како „однос на достоинство и почитување кон судот“. Таа истакна дека чувствува морална, но не и кривична одговорност.
„Сочувствувам со жртвите, но и нашата куќа е во вечна тага“, додаде таа.
Семејствата на жртвите: „Ова е безобразна манипулација“
Полномошниците на оштетените семејства и родителите на убиените деца ги оценија ваквите излагања како крајно неискрени и пресметани со цел да се избегне каква било одговорност за најголемиот масакр во историјата на Србија. Според нив, ниту по повеќе од три години од трагедијата, јавноста не слушнала јасно признавање на родителските грешки кои претходеа на масакрот.
Шокантни детали откриени во судницата
За време на завршните зборови, застапниците на жртвите за првпат во јавноста презентираа вознемирувачки докази за односите и атмосферата во семејството Кецмановиќ:
- Простаклук и навреди: Цитирани се СМС-пораки во кои мајката и тогаш 12-годишниот син разменувале тешки пцовки. Во една од пораките, мајката му пишува на сопственото дете: „Еи се, сине“*.
- Мрачни интереси на малолетникот: Ноќта пред да го изврши масовното убиство, малолетникот на својот компјутер гледал порнографски содржини со луѓе и животни, и тоа во истата соба каде што била неговата помала сестра.
- Стрелиште наместо црква: Адвокатите докажаа сериозни пропусти во воспитувањето и неадекватен однос кон дете на праг на пубертет.
„Детето не се раѓа како злосторник. Да одеше детето со татка си на литургија наместо во стрелиште, ова со сигурност немаше да се случи“, потенцираше пред судот Горан Петронијевиќ, адвокат на оштетените семејства.
Главниот обвинител на Високото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, во својот завршен збор побара од судот на Миљана и Владимир Кецмановиќ да им бидат изречени максимални затворски казни предвидени со закон.