Здравко Чолиќ во полиција поминал речиси два часа давајќи изјава по повод инцидентот во кој на 3 февруари околу пет часот наутро била фрлена бомба врз неговата семејна куќа.
Чолиќ, според неофицијални сознанија на Курир, бил сослушан веднаш по враќањето од Хрватска, каде што престојувал и во моментот на бомбашкиот напад, а пред надлежните органи ги изнел сите детали што би можеле да помогнат во расветлувањето на овој немил настан.
Според изворот, Чолиќ бил смирен и присебен за време на разговорот со полициските службеници. Трпеливо одговарал на сите прашања, а акцентот на сослушувањето бил ставен на можните мотиви за нападот.
Истражителите ги интересирало дали пејачот некому му се замерил, дали постои лице на кое се сомнева, како и дали тој или некој од членовите на неговото семејство има евентуални долгови или нерасчистени односи што би можеле да бидат повод за ваков чин.
„Штом се врати од патувањето од Хрватска, Здравко беше во полиција и даде изјава по повод немилиот настан. Сослушувањето траеше околу два часа. Пејачот беше смирен и расположен и одговори на секое поставено прашање и потпрашање од надлежните органи. Акцентот беше на тоа дали некому му се замерил, на кого се сомнева и дали некој од домашните има долгови или нерасчистени сметки. Здравко сè негираше. Особено истакна дека никому не му се замерил и дека во кариерата немал проблеми со соработници, колеги, ниту со почитувачите на неговото дело. Нагласи дека не создавал непријатели, ниту има, колку што знае. Не сакаше да впери прст кон никого од естрадата, ниту од други кругови“, објаснува изворот на Курир.
Во текот на разговорот било допрено и прашањето за евентуално приватно гонење на напаѓачите. Иако се разговарало за таа можност, пејачот, според сознанијата на Курир, останал на ставот дека лицата кои се доведуваат во врска со нападот нема приватно да ги тужи, ниту кривично да ги гони. Смета дека зад сè стои некој друг и верува дека истрагата ќе ја покаже вистинската позадина на инцидентот.
Чолиќ наводно истакнал дека најважно му е да ја дознае вистината, пред сè поради безбедноста на своето семејство. Како што порачал, сака да ја разбере вистинската причина за нападот за, доколку постои каков било проблем, да може да го реши и да спречи слични ситуации во иднина.
Истрагата сè уште е во тек, а надлежните органи работат на утврдување на сите околности во овој случај, кој ја вознемири и семејството Чолиќ и јавноста.
