Денешното рочиште за случајот „Онкологија“ во Основниот кривичен суд Скопје е одложено поради здравствени причини на судијката Снежана Марковска. Од Судот соопштија дека продолжувањето на постапката е закажано за 25 ноември.
На претходното рочиште, одржано на 5 октомври, се разгледуваше вештачењето на Владимир Даниловски, ангажиран од одбраната, за терапиите што им биле давани на пациентите на Клиниката за онкологија.
Обвинителството ги оспори неговите наоди и побара да објасни врз основа на кои официјални медицински протоколи заклучил дека применуваната терапија била соодветна.
Адвокатот Боби Спирковски, бранител на поранешниот директор Нино Васев, посочи дека клучно е да се утврди дали терапијата придонела за влошување на здравствената состојба или за предвремена смрт на пациентите, а не само дали биле избрани соодветни лекови.
Во предметот се обвинети Васев и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски. Според обвинението, во 47 случаи биле применувани несоодветни терапии, со неправилности во дозирањето и без соодветна процена на состојбата на пациентите. Обвинетите се товарат за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување.
Во постапката беше обвинета и докторката Мери Пешевска, која ја призна вината и доби условна осуда со утврдена казна затвор од две години.
Обвинението го застапува јавната обвинителка Марија Ѓоргева од Основното јавно обвинителство Скопје.