Балкан

Две недели по победата на Студентската листа: Приведувања, оставки и банкарска криза во Србија

Две недели по победата на Студентската листа: Приведувања, оставки и банкарска криза во Србија

Приведувања на високи полициски функционери, истраги за изборни злоупотреби, оставки во јавните медиумски сервиси и сомневања за извлекување стотици милиони евра од „Алта банка“ ги одбележаа првите две недели по изборната победа на Студентската листа во Србија.

Според прегледот на настаните што го објавува Би-би-си, изборите на 25 октомври означија крај на 14-годишната владејачка доминација на Српската напредна странка.

Републичката изборна комисија ги прогласи конечните резултати, според кои Студентската листа освоила 140 пратенички места, а листата предводена од СНС — 103. Претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, ја закажа конститутивната седница за 17 ноември во 10 часот.

До формирањето на новата влада, клучните државни позиции и натаму ги држат претставници на досегашната власт. Врховната обвинителка Загорка Доловац, сепак, оцени дека повеќе нема „политички и институционални опструкции на работата на обвинителствата“.

Приведувања во полицијата и истраги за злоупотреби

Врховното обвинителство формирало петчлена комисија за проверка на работата на јавните обвинителства и им наложило на обвинителите итно да побараат од полицијата спречување на уништувањето докази.

Во притвор се нашле Марко Кричак, шеф на Управата на криминалистичката полиција, и Бошко Секуловиќ, началник на Службата за сузбивање криминал, поради сомневања за злоупотреба на службената положба во случајот „Сењак“.

Приведен бил и командантот на Специјалната антитерористичка единица, Игор Жмириќ, заедно со уште осум полицајци, под сомнение за учество во мачење и малтретирање демонстранти против власта.

Дополнително, осум припадници на полициски единици биле приведени поради сомневања за малтретирање и мачење на Далибор Драгијевиќ, осомничен во случајот со исчезнувањето на Данка Илиќ, кој подоцна почина.

Управникот на затворот Забела, Родољуб Рончевиќ, бил приведен поради сомневање за поткупување затвореници да гласаат за листата предводена од СНС.

Меѓу приведените е и покраинскиот секретар за социјална политика Предраг Вулетиќ. Тој и претседател на комисија за доделување средства за станбено згрижување семејства со повеќе деца се сомничат дека на други лица им овозможиле противправна имотна корист од речиси 131 милион динари.

Предмет против шефот на БИА и обвинувања за прислушување

Обвинителството за организиран криминал побарало полицијата да го сослуша директорот на Безбедносно-информативната агенција, Владимир Орлиќ, во врска со сомневања за повреда на избирачкото право и принуда.

Предметот е оформен по кривична пријава на адвокатот Иван Ниниќ. Тој поднел пријави и против министерот за правда Ненад Вујиќ, директорот на Управата за извршување кривични санкции Миле Јандриќ и други службеници, меѓу кои управници на затвори.

Паралелно, неделникот „Радар“ објавил документи кои, според медиумот, укажуваат на прислушување обвинители, новинари и претседателот на Демократската странка, Срѓан Миливојевиќ.

БИА ги отфрлила наводите за незаконско постапување како невистинити, тенденциозни и злонамерни.

Оставки и промени во медиумите

Директорските функции во републичкиот и покраинскиот јавен сервис ги напуштиле Мања Грчиќ и Горан Караџиќ. По заминувањето на директорката на РТС следувале и смени на клучни уредници во информативната програма.

Би-би-си забележува дека во програмата на РТС сега гостуваат претставници на Студентската листа и критичари на досегашната власт кои претходно не биле поканувани. Повеќе простор за изборните победници отстапуваат и дел од приватните медиуми блиски до СНС.

Телевизијата „Информер“, пак, добила привремена забрана за емитување една информативна емисија.

Сомневања за извлекување пари од „Алта банка“

Народната банка на Србија на 31 октомври објавила дека ѝ ја одзела дозволата за работа на „Алта банка“ поради значително влошување на финансиската состојба.

Според извештајот, исплатата на осигурените депозити до 50.000 евра е најавена за 13 ноември. Средствата над овој износ треба да се побаруваат од стечајната маса, при што останува неизвесно дали ќе има доволно пари за целосна наплата.

Истражувачката мрежа КРИК, повикувајќи се на наредбата за спроведување истрага, објавила дека сопственикот Давор Мацура се сомничи за незаконско извлекување околу 390 милиони евра.

Според документот што го цитира КРИК, околу 370 милиони евра биле евидентирани како промет на менувачницата „Алта пеј“, но парите наводно не пристигнувале во трезорот, туку завршувале кај Мацура. Покрај него, приведени биле уште двајца вработени.

Летот за Москва и спротивставените тврдења

Во истиот период внимание привлече и враќањето на авион на „Ер Србија“ од лет кон Москва. Во него биле Александар Вулин, Ненад Поповиќ и директорот на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ.

Авиокомпанијата соопштила дека авионот се вратил во Белград по добиена информација од аеродромските служби која барала дополнителни безбедносни проверки поврзани со еден патник.

Според неофицијалните информации, проверките се однесувале на Вулин, кој наводно се качил без претходна безбедносна проверка. Тој го оспорил ваквото објаснување, а по пристигнувањето во Москва објавил видео во кое тврдел дека „никаде не побегнал“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни