Од денеска, 9 ноември, почнува примената на новите правила во домашниот платен промет. Промените ги опфаќаат платните налози, шифрите за целта на плаќањето и начинот на означување на денарските платежни сметки.
Досегашните обрасци ПП10, ПП30, ПП40, ПП50 и ПП53 се заменуваат со стандардизирани платни налози, со изменет изглед, распоред и називи на полињата.
Меѓу највидливите промени се новите кратенки:
- ВГ — внесување готовина, наместо досегашниот ПП10;
- ПГ — повлекување готовина, наместо досегашниот ПП40;
- КТД — кредитен трансфер во денари, наместо досегашниот ПП30.
Се менуваат и шифрите со кои се означува целта на плаќањето. Досегашните нумерички ознаки се заменуваат со четиризнаковни алфанумерички шифри, составени од букви или комбинација од букви и броеви, согласно меѓународниот стандард ISO 20022.
На пример, досегашната шифра 262, за „Други неспоменати плаќања на правни субјекти“, се заменува со NOWS — „Ненаведено“.
Денарските платежни сметки ќе се користат во ИБАН-формат, со додавање на ознаката МК07 пред постојниот број. Со ова не се отвораат нови сметки и не се заменува постојниот број, туку се менува неговото означување.
Банките ги прават потребните технички приспособувања во електронското и мобилното банкарство, па граѓаните вообичаено ќе продолжат да ги внесуваат податоците за плаќање на досегашниот начин.
Измените се дел од усогласувањето на домашниот платен систем со меѓународните стандарди и регулативата на Народната банка.