Зеленски изјави дека гасоводот преку кој руската нафта стигнува до Унгарија е подготвен за работа

Нафтоводот „Дружба“, преку кој руската нафта се транспортира во Европа, е подготвен за повторно ставање во функција, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски, сигнализирајќи дека Киев сега очекува деблокада на пакетот помош вреден 90 милијарди евра.

„Украина ги заврши поправките на дел од нафтоводот „Дружба“ кој беше оштетен во руски напад. Нафтоводот може да продолжи со работа“, напиша Зеленски на платформата X.

Прекинот на протокот предизвика незадоволство кај Унгарија и Словачка, кои и натаму зависат од увоз на руска нафта.

„Орбан ја блокираше помошта за Киев“

Унгарската влада се закани дека како одговор ќе ја укине енергетската помош за Украина, а премиерот Виктор Орбан подолг период го блокира пакетот помош за Киев договорен од Европската комисија.

Зеленски додаде дека Украина, чиј воен буџет во голема мера зависи од странско финансирање, очекува исплата на средствата според договореното, по поправката на нафтоводот „Дружба“.

„Ова го поврзуваме со деблокирањето на европскиот пакет помош за Украина, кој веќе е одобрен од Европскиот совет“, рече тој.

Кремљ денеска соопшти дека Русија, во техничка смисла, е подготвена да го продолжи протокот на нафта преку нафтоводот.