Зеленски изрази сочувство до роднините на жртвите од масовното пукање во училиште во Тексас

Претседателот на Украина Володимир Зеленски денеска им изрази сочувство на роднините на жртвите од масовното пукање во основно училиште во американската сојузна држава Тексас, пренесе АФП.

Тој нагласи дека е страшно да има жртви на пукотници во мирнодопски услови.

Се вчитува...

„Сакам да изразам сочувство до сите роднини и семејства на децата кои беа убиени во страшната пукање во училиште во Тексас“, рече Зеленски. „Страшно е да имаш жртви на пукотници во мирнодопски услови“, додаде тој.

„Тоа се случува насекаде, се случува низ светот, очигледно се случува во општествата во мир“, рече тој.

Зеленски ова го изјави преку видео-конференција со учесниците на работниот појадок на Светскиот економски форум во Давос, организиран од Украина.

Зеленски, исто така, им рекол дека сака само директни разговори со Владимир Путин, а не преку посредници, објави Ројтерс.

Тој додаде дека доколку рускиот претседател ја разбере реалноста, постои можност да се најде дипломатски излез од конфликтот во Украина.

Зеленски додаде дека Москва мора да ги повлече своите трупи до границите и линиите пред почетокот на руската инвазија, која започна на 24 февруари. „Ова треба да биде првиот чекор кон разговорите“, додаде тој.

За време на видео конференција, Зеленски го критикуваше недостатокот на единство меѓу западните земји во врска со војната во Украина. „Моето прашање е: дали има единство во пракса на Запад? Јас не гледам такво единство“, додаде тој, додавајќи дека му е потребна поддршката од обединета Европа.

„Има ли единство за приемот на Шведска и Финска во НАТО? Не. Затоа, дали Западот е обединет? Не“, додаде Зеленски.

„Нашата сила беше единството на нашата земја. И сега зависи од единството на Западот да биде силен и цврсто да ја поддржува Украина пред Русија“, рече тој.

„Ќе имаме предност пред Русија кога сите ќе бидеме навистина обединети“, додаде Зеленски.

Тој изрази благодарност до американскиот претседател Џо Бајден за новата финансиска помош од 40 милијарди долари за Украина.

Што се однесува до единството на Европа, Зеленски ја критикуваше позицијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој во оваа фаза не сака ембарго на руската нафта. „Нешто не е во ред со Унгарија“, рече Зеленски.