Свет

Зеленски побара итна енергетска помош од 800 милиони евра

Зеленски побара итна енергетска помош од 800 милиони евра

Украинскиот претседател Володимир Зеленски им кажа на украинските сојузници собрани во Париз дека му е потребна итна енергетска помош за зимата во вредност од најмалку 800 милиони евра, бидејќи руските сили таргетираат цивилна инфраструктура низ целата земја, објави Ројтерс.

Францускиот претседател Емануел Макрон е домаќин на околу 70 земји и институции кои разговараат за тоа што можат да и понудат на Украина од сега до март за поддршка на пристапот до вода, храна, енергија, здравствена заштита и транспорт во земјата во услови на температури под нулата.

„Штом станаа очигледни воените слабости на Русија, таа усвои цинична стратегија – да ја уништи цивилната инфраструктура за да ја покори Украина“, рече францускиот лидер на отворањето во Париз на донаторска конференција за Украина. Макрон, исто така, ја обвини Москва дека се обидува да внесе терор меѓу украинските цивили.

Францускиот лидер рече дека Франција ќе и обезбеди на Украина 63 генератори покрај стоте испорачани во ноември. Со дополнителна помош од 48,5 милиони евра, вкупната француска помош годинава ќе достигне 200 милиони евра, додаде тој.

ЕУ испрати 40 големи генератори во Украина за напојување на болниците во земјата, јави ДПА, повикувајќи се на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која исто така учествуваше на состанокот. Во соопштението на Комисијата се вели дека 10 помали генератори биле испратени и од Франција, 19 од Словачка, 23 од Германија, 52 трансформатори од Литванија и четири итни електроенергетски системи од Полска. Ова е дополнение на 800-те генератори испратени во Украина од почетокот на руската инвазија, рече Фон дер Лејен. Залихите беа испратени преку Механизмот за цивилна заштита на Унијата, кој е платформа за координација и споделување на ресурсите за итни случаи, соопшти комисијата.

Зеленски рече дека му е потребна итна помош во вредност од најмалку 800 милиони евра за да се справи со, како што го нарече рускиот „енергетски тероризам“ и да ги издржи Украинците преку зимата. „Ова е многу, но цената е пониска од цената на прекинот на струјата“, рече Зеленски во своето видео обраќање до учесниците на состанокот. „Илјадници компании и социјални служби продолжуваат да функционираат благодарение на генераторите. Болниците работат благодарение на генераторите. Благодарение на овие генератори, стотици илјади работни места се спасени“, рече тој.

Меѓународниот состанок ќе се обиде да создаде онлајн механизам преку кој Украина ќе може да ги соопшти своите итни потреби, а земјите донатори да ги исполнат, рече Макрон. Вториот состанок меѓу Франција и Украина со учество на околу 500 француски компании ќе разговара за тоа што може да се инвестира и направи на краток и долг рок.

Состанокот е исто така можност Макрон да ја покаже својата поддршка за Украина, откако се најде на удар на некои европски сојузници и самата Украина поради нивото на француска воена поддршка и неговите коментари за Русија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни