Турбуленциите на светските берзи и воените конфликти на Блискиот Исток се закануваат со нов бран поскапувања во македонското земјоделство. Бидејќи најголемиот дел од вештачките ѓубрива и нафтените деривати доаѓаат токму од овој регион, фармерите очекуваат значителен скок на трошоците за производство, што неизбежно ќе ги зголеми и малопродажните цени на производите.
Стеванче Јорданоски, претседател на Националната федерација на фармери, упати апел до државата итно да го активира „кризниот фонд“ за да се ублажи ценовниот шок при набавката на суровини. Од Министерството за земјоделство велат дека секојдневно ја следат состојбата и ветуваат интервенција со конкретни мерки доколку пазарот излезе од контрола.
Поскапува и празничната трпеза Покачување на цените се очекува и кај јагнето пред претстојните Велигденски празници. Иако моментно кланиците нудат 260 денари за килограм жива мера, министерот Цветан Трипуновски најави дека со достигнување на пикот на побарувачката следната недела, можно е дополнително поскапување, што според него ќе донесе поголема заработка за сточарите.
Покрај скапите репроматеријали, земјоделскиот сектор се соочува и со критичен недостиг на работна сила. Ситуацијата е најдраматична во сточарството, каде и покрај понудените плати од 2.000 евра, речиси е невозможно да се најдат работници, што дополнително ја загрозува иднината на домашното производство.