ЗЕМЈОТРЕС ЈА ПОГОДИ СИЦИЛИЈА: Епицентарот на вулканот Етна

ЗЕМЈОТРЕС со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала е регистриран денес на Сицилија, објави Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).

Епицентарот на земјотресот бил на вулканот Етна, северозападно од Рагална, на длабочина од четири километри, пренесува RAI.

Земјотресот, кој бил регистриран во 7:05 часот утрово, бил почувствуван во најмалку три провинции на источна Сицилија – Катанија, Месина и Сиракуза.

Градоначалникот на Катанија, Енрико Трантино, наредил да се организираат инспекции за испитување на училишните згради како превентивна мерка по земјотресот, поради што училиштата во тој град денес ја прекинаа наставата.

Локалната противпожарна служба соопшти дека граѓаните не побарале помош за никаква интервенција поврзана со земјотресот, а локалните власти соопштија дека досега немало пријави за штети или повредени во земјотресот.