Свет

Земјотрес со јачина од 7 степени по Рихтер ги погоди Соломонските Острови

Земјотрес со јачина од 7 степени по Рихтер ги погоди Соломонските Острови

Земјотрес со јачина од 7 степени е регистриран денеска на Соломонските Острови, пренесоа светските агенции, повикувајќи се на Американскиот геолошки институт.

Ројтерс објави дека нема опасност од цунами.

Силниот земјотрес се случи на длабочина од 13 километри, со епицентар на 16 километри југозападно од Маланго и 56 километри од главниот град Хонијара. Американскиот геолошки институт првично ја процени неговата магнитуда на 7,3 степени.

По околу половина час следеше последователен потрес со јачина од 6 степени.

Првично имаше предупредување за бранови од цунами во радиус од 300 километри од епицентарот на земјотресот. Властите ги повикаа локалните жители да се евакуираат на поголема надморска височина, предупредувајќи на можни бранови високи меѓу еден и три метри.

Сепак, Метеоролошката агенција на Соломонските Острови соопшти дека нема опасност од цунами. Во исто време, таа предупреди на невообичаени морски струи во крајбрежните области.

Засега нема извештаи за повредени или сериозна материјална штета на Соломонските острови. Потресот, кој траеше околу дваесет секунди, сепак, предизвика прекин на електричната енергија во некои квартови на Хонијара и собори предмети.

Некои од луѓето кои се евакуираа на поголема надморска височина веќе се вратија во главниот град.

Најмалку 162 лица загинаа вчера во земјотрес со јачина од 5,6 степени по Рихтер на индонезискиот остров Јава.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни