Во живо Ноќно студио во живо Дали системот реагира навреме при насилство? Гледај
Македонија

Жестока расправа за Буџетот за 2027 година – опозицијата поднесе околу 400 амандмани, власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања

Жестока расправа за Буџетот за 2027 година – опозицијата поднесе околу 400 амандмани, власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања

Жестока дебата и меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата го одбележаа последниот ден од општата расправа за Предлог-буџетот за 2027 година во Собранието. Во фокусот на дискусијата беа економскиот раст, јавниот долг, инфраструктурните инвестиции и издвојувањата за земјоделството.

Од утре започнува амандманската расправа, во која ќе се разгледуваат околу 400 амандмани поднесени од опозициските партии.

Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, упати критики кон предложениот буџет, оценувајќи дека проектираните средства не ги потврдуваат најавите на власта за економски напредок и развој.

Според него, со новиот буџет се предвидуваат помалку средства за инфраструктурни проекти, изградба на патишта и програми за поддршка на земјоделството, што, како што оцени, ќе се одрази врз реализацијата на ветените инвестиции.

„Тоа покажува дека дури и во делот на патната инфраструктура ќе имаме сериозен проблем. Ветувањата не можат да останат само ветувања ако не ги погледнеме низ пари, бројки, планови и програми“, порача Спасовски.

На неговите критики возврати пратеникот Пренџов, кој ги отфрли тврдењата на опозицијата, оценувајќи ги како манипулации и шпекулации.

Тој посочи дека економскиот раст во периодот кога Спасовски бил министер, според бројките што ги презентираше, во просек изнесувал 1,1 процент, додека сега достигнува 3,7 проценти.

Пренџов се осврна и на јавниот долг, тврдејќи дека задолженоста на државата е намалена во изминатите две години.

„Оставивте држава 60,5 проценти задолжена. Денес оваа држава е 56,6 проценти задолжена. За две години враќавме дел од тоа што вие нè задолживте“, истакна Пренџов, обвинувајќи ја опозицијата дека погрешно ги претставува економските показатели.

Во расправата активно се вклучи и Левица, која поднела вкупно 80 амандмани на Предлог-буџетот.

Пратеникот Амар Мециновски најави дека седум од амандманите се насочени кон подобрување на системот за заштита од семејно и родово базирано насилство, оценувајќи дека состојбата во оваа област е алармантна.

Меѓу барањата на Левица е издвојување 160 милиони денари за изградба, адаптација и опремување нови засолништа за жртвите на насилство.

„Жртвата што го напушта насилниот дом најчесто нема каде да замине. Државата мора да обезбеди безбедно сместување и услови за започнување нов живот“, истакна Мециновски.

Со завршувањето на општата расправа, собраниската процедура влегува во следната фаза, во која пратениците ќе ги разгледуваат поднесените амандмани и предлозите за прераспределба на буџетските средства.

Се очекува амандманската расправа повторно да ги отвори прашањата за приоритетите на државното финансирање, јавната задолженост и распределбата на средствата за економски и социјален развој.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни