Македонија

Злоупотреби со електронските индекси на Универзитетот во Штип: Двајца осомничени заработиле 21.000 евра

Злоупотреби со електронските индекси на Универзитетот во Штип: Двајца осомничени заработиле 21.000 евра

Основното јавно обвинителство Штип поведе постапка против двајца вработени на Универзитетот „Гоце Делчев“, осомничени дека со незаконско менување, бришење и прикривање податоци во електронскиот систем за студентски индекси се стекнале со материјална корист од околу 21.000 евра. Обвинителството побара притвор за двајцата.

Според информациите од Обвинителството, постојат сомненија дека осомничените, како соизвршители, сториле две кривични дела – злоупотреба на службена положба и овластување, според член 353 став 4 во врска со став 1, и компјутерска измама, според член 251-б став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничените биле вработени на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што, според Обвинителството, ја искористиле својата службена положба за да прибават поголема материјална корист.

Незаконски менувале податоци во период од пет години

Според досегашните сознанија, злоупотребите се случувале во периодот од 2021 до 2026 година.

Второосомничената, која работела како референт за студентски прашања на еден од факултетите, по насоки од првоосомничениот, кој бил раководител на Секторот за „Е-Индекс“, внесувала невистинити податоци во информатичкиот систем на Универзитетот.

Со овие дејствија, како што наведува Обвинителството, осомничените ги пречекорувале границите на своите службени должности и овластувања.

Тие незаконски менувале, бришеле или прикривале податоци во базата за електронски индекси, со што предизвикувале невистинити резултати при електронската обработка и преносот на податоците.

За возврат, според сомненијата, се стекнувале со материјална корист која во моментов се проценува на 21.000 евра.

Обвинителството бара притвор

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.

Постапката продолжува со утврдување на сите околности поврзани со злоупотребите во електронскиот систем на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни