ЗНАМ СО ЖЕСТОК НАПАД: „Филипче е во параноја зошто членството му бега кај нас – дали се спрема за Дубаи со златни визи?“

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија упати остри критики и тешки обвинувања кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, по неговиот последен брифинг. Од партијата на Максим Димитриевски оценуваат дека во опозициската СДСМ владее „параноја“ предизвикана од, како што велат, масовниот одлив на нивното членство кон ЗНАМ.

Во реакцијата се наведува дека Филипче користи „вулгарен и уличен вокабулар“ наместо да делува како конструктивна опозиција, што според ЗНАМ, само ги оддалечува граѓаните од Бихаќка.

Се вчитува...

„Историски трансфер“ на членови

Од ЗНАМ тврдат дека разочараните социјалдемократи, кои бараат државнички пристап, масовно преминуваат во нивните редови.

„Токму поради овој трансфер и растечкото разочарување, Филипче и раководството на СДСМ се во параноја, обидувајќи се да го одржат партискиот штит и личната фотелја“, се вели во соопштението.

„Златни визи“ и стари афери

Партијата директно го прозва Филипче за неговите мотиви, поставувајќи прашање дали неговото однесување е подготовка за бегство.

„Прашањето кое се наметнува е – дали ваквиот настап на Филипче е само најава за пат кон Дубаи со златни визи, каде личните интереси се пред државните?“ прашуваат од ЗНАМ.

Тие го потсетија лидерот на СДСМ на низа нерешени скандали од времето кога беше министер, споменувајќи ги:

  • Провизиите од модуларните болници;
  • Тендерите за јаглен и набавката на вакцини по двојно повисоки цени;
  • Трагедијата во Тетово каде живи изгореа 14 луѓе.

„Филипче мора да излезе од мафијашкиот филм и од обвинувањата за ’српскиот свет‘“, порачуваат од владејачкото движење.

Бегство од Лидерска средба

Во однос на актуелната политичка ситуација, ЗНАМ го критикува Филипче за одбивањето да учествува на лидерска средба посветена на реформите во правосудството и ЕУ агендата. Тие потсетуваат дека кога СДСМ беше на власт, клучните одлуки како Преспанскиот договор и Францускиот предлог се носеле „зад затворени врати, без почит кон граѓаните“, за разлика од сегашната понуда за отворен дијалог.

ЗНАМ заклучува дека актуелната Влада ја води државата транспарентно, без ниту еден корупциски скандал, за разлика од претходното владеење кое го одбележаа имињата на Рашковски, Зеќири и Груби.