Продолжи судскиот процес за предметот „ТНТ“ на СЈО. Обвинетите за уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на Фијат Цаноски побара одложување на судењето. Бараат изземање на Катица Јанева, бидејќи се сомневаат за поврзаност на директор на градежна фирма за кој било повлечено обвинението во ТНТ, со случајот „Рекет“.
„Фирмата „Дрим билдинг“ од Струга има потпишано договор заедно со меѓународниот сојуз каде што претседател е Бојан Јовановски, а како овластено лице на фирмата „Дрим билдинг“ е лицето Адријан Амзовски, а ова исто лице е и овластен претставник, односно управител и на фирмата ТД „Фине“ која што учествуваше во градењето на „Космос“, изјави Тони Трајковски – осомничен во ТНТ.
Судијата Огнен Ставрев им кажа на обвинетите дека Катица Јанева е во друга постапка и оти друго обвинителство и секако судот ќе си кажат за таа истрага. Овде Јанева не ни е предмет на расправа.
Според информациите на Трајковски, како што вели тој добиени од Централен регистар, фирмата „Дрим билдинг“ од Струга на сметка на „Меѓународен сојуз“ уплатила 16 милиони денари, сума која била поголема од остварените приходи во 2017 година.
„Ова потпишување на овој договор заеднички следува само два месеци по повлекувањето на обвинителниот акт и започнатата кривична постапка во Основниот суд Скопје 1 против лицето Адријан Амзовски тоа повлекување го направила лично Катица Јанева. Таа го повелкува спротивно на законот обвинителниот акт без да додаде или да достави дополнителни докази. Таа го презема од Основен суд и го затвора тоа обвинение“, изјави Тони Трајковски – осомничен во „ТНТ“.
Се обидовме коментар да добиеме и од директорот на струшката фирма „Дрим Билдинг“, но тој не одговараше на нашите повици.
Сослушувањето на сведоци на одбраната е при крајот. Покрај Трајковски, обвинети се, уште екс-министерот Миле Јанакиески, азилантот Никола Груевски и четворица вработени во општината Гази Баба. Со уривањето на објектот, на Цаноски му била нанесена штета од 14,8 милиони евра. Како вкупна отштета, тој бара 58,8 милиони евра.
РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ