Балкан

Невреме на Крит: Евакуирани туристи поради нови поплави

Невреме на Крит: Евакуирани туристи поради нови поплави

Обилните врнежи повторно предизвикаа поплави на Крит, поради што грчките власти превентивно евакуираа 47 туристи од сместувачки објекти во југоисточниот дел на островот.

Туристите биле евакуирани од хотели и апартмани во областите Ферма и Куцунари, во близина на Иерапетра, откако патиштата повторно биле поплавени. Од противпожарната служба информираат дека туристите не биле во директна опасност и дека нема пријавени здравствени проблеми.

Силните врнежи продолжуваат во поширокиот регион на Иерапетра, поради што грчките власти повторно испратиле предупредување преку системот 112. Жителите и посетителите се повикуваат да ги ограничат движењата и да избегнуваат непотребно патување во погодените подрачја.

Во спасувачката операција учествуваат пожарникари од Иерапетра и специјализирани спасувачки тимови. Властите остануваат на терен поради опасноста од нови поплави и одрони.

Во последните денови ова не е прва евакуација на Крит. Само вчера, пожарникарите евакуирале 20 лица во околината на Иерапетра и уште две лица во близина на Ретимно. Крајбрежната служба со чамци спасила и четворица британски туристи од морскиот дел кај Иерапетра.

Невремето, кое со кратки прекини трае од средата вечерта, веќе остави последици и човечки жртви. Во четвртокот загинал 80-годишен сточар, додека две лица биле полесно повредени откако мал мост се урнал додека со автомобил преминувале преку него. Уривањето било предизвикано од лизгање на земјиштето по обилните врнежи.

На повеќе места на островот се регистрирани материјални штети, а надојдените води повторно ги поплавуваат патиштата и го отежнуваат сообраќајот. Поради прогнозите за продолжување на невремето и опасноста од нови поплави, Крит од средата вечерта е во состојба на мобилизација „Црвен код“.

Надлежните служби се во зголемена готовност, а граѓаните и туристите се повикуваат да ги следат официјалните предупредувања и да избегнуваат движење во ризичните подрачја.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни