„Бугарија го измисли ова прашање и не можам да ви објаснам што е проблемот сега, бидејќи е смешен проблем“, посочи премиерот Заев.
Вака премиерот Зоран Заев пред два дена го опиша проблемот, но со ова не се согласуваат од Бугарија.
„Станува збор за заблуда на јавноста на европските земји за проблемот. Станува збор и за заблуда на јавноста во РСМ. Проблемот меѓу Бугарија и РСМ е сосема јасен. РСМ потпишува договори, кои очигледно нема намера да ги исполнува“, истакна претставникот на Бугарија во ЕУ, Димитар Цанчев.
Претставникот на Бугарија во ЕУ, за бугарското национално радио додава дека проблемот е сериозен, а ваквиот однос не се дозволува.
„Дали позицијата на Бугарија е смешна или не, јас не можам да разберам што е смешно во нашата позиција. Дали тоа што Гоце Делчев, Даме Груев, браќата Миладиновци се Бугари кои на бугарски јазик пишувале народни песни или дека е Цар Самоил Бугарин или тоа што 2 милиони Бугари се наследници на македонските бугари, над 120.000 граѓани на РСМ се Бугари кои продолжуваат да бидат тормозени бидејќи се Бугари“, додаде Цанчев.
Премиерот гледа надеж во новата Владата во Бугарија, најави и средби со неговиот бугарски колега Стефан Јанчев.
„Бугарската Влада и вака технички поставена ги има сите уставни права да носи одлуки. Јас верувам дека тие може да ја придвижат Северна Македонија кон европеизацијата заедно со тоа и Албанија, а да ги отворат и првие меѓувладини конференции за нас, за Албанија, за Црна Гора и за Србија“, додаде Заев.
Од бугарското МНР, велат дека Бугарија останува отворена за дијалог и соработка со РСМ, но оваа Влада нема ингеренции за промена на позицијата.
„Го користиме моментот да потстиме на изјавата на министерот Стоев што ја даде кога стапи на должност дека Бугарската држава останува отворена за дијалог но во исто време техничката Влада нема ингерении да ја промени позицијата на Бугарија која беше усвоена со консензус од сите политички сили во парламентот“, посочија од бугарското МНР.
Ставовите на земјава, дека нема да се преговара за идентитетот и јазикот остануваат, а по ваквиот говор премиерот денеска доби и аплауз.