Силното невреме што попладнето го зафати Скопје остави зад себе повредени граѓани и значителна материјална штета. Според најновите информации од здравствените установи, вкупно 15 лица побарале медицинска помош.
На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) се примени девет повредени. Директорот на клиниката, проф. д-р Игор Мерџаноски, информираше дека две лица се со потешки повреди.
Едната пациентка е со повреда на главата и е префрлена на Клиниката за неврохирургија, додека другата се здобила со скршеница на раката. Останатите повредени се со полесни телесни повреди и се под медицински надзор.
Во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ биле примени шест лица. Директорот на установата, д-р Небојша Настов, изјави дека сите пациенти имаат посекотини и набиеници и се третираат амбулантски.
„Тројца пациенти по прегледот се пуштени на домашно лекување, додека тројца сè уште се во фаза на испитување. Сите се во стабилна состојба и засега нема индикации дека ќе има потреба од хоспитализација“, рече Настов.
Тој појасни дека еден од пациентите бил повреден од паднато дрво, друг од лим кој се откачил од покрив, а трет од паднати керамиди.
Во меѓувреме, директорот на Градската општа болница „8 Септември“, д-р Синиша Стојаноски, информираше дека во оваа здравствена установа не биле примени повредени од невремето, но дека болницата претрпела значителна материјална штета.
Според него, најсериозни оштетувања има на кровот и кровната конструкција, а точниот обем на штетата ќе биде утврден по увидот што ќе го извршат надлежните институции.