150 лица се прехрануваат дневно во народна кујна , бараат институциите да се погрижат поинаку

Околу 130 луѓе се прехрануваат дневно во народната кујна кај црквата Св. Петар и Павле во Скопје. Оваа бројка достигнува до 150 во деновите кога пензионерите можат да користат бесплатен превоз во вторник и петок. Некои се хранат во простириите на народната кујна, а некои земаат за дома и се прехрануваат цели семејства.

„Едно време имавме многу, е сега малку се понамали, меѓутоа толку многу да е драстично намелен не. Малку зимава кога фаќа одредени денови време кога е поладно, но во 1 часот мора да дојдат за ручек“, изјави готвачка во народна кујна.

Се вчитува...

Намирниците ги донираат хумани граѓани, маркети, свештени лица, политички партии, така што постојано има храна за приготвување. Готвачките велат дека се соочуваат со проблемот како да ја приготват храната, бидејќи електричните шпорети не им се исправни. А, што најчесто готват:

„Разноврсна храна, грав, зелка, боранија, грашок, макарони, риба се што се донира се приготвуваме“, изјави готвачка во народна кујна.

Ленка Кировска живее сама, не е корисник ниту на социјална помош, ниту на пензија. Со скршеницата на раката која и е оперирана не може да готви и е принудена да се прехранува во народната кујна. Таа стравува од ниските температури  и дали воопшто ќе биде во можност да дојде до кујната доколку падне снег. Апелира државата да се ангажира на друг начин да го реши проблемот со ваквите случаи. Храната и се допаѓа, но на никој не му посакува да се прехранува на ваков начин.

„Дали има смисла, оваа држава да дозволи, јас сум чиста Скопјанка да дојдам до ова, бев како што треба имав се, да дојдам до овој степен“, изјави Ленка Кировска, корисник на народна кујна.

Народната кујна постои веќе 20 години со краток прекин во функционирањето. Претежно се прехрануваат повозрасни лица. Попосетена е во летниот период. Оние кои не се во можност да се прехранат од различни причини, можат да ја посетат од поденелник до петок од 7 и 30 до 15 и 30. А сите добронамерни луѓе кои сакаат да донираат храна во состојба за консумирање можат да го сторат тоа во народната кујна.

Репортер: Александра Велинова

Извор: ТВ21